16.07.2012, 17:44 Гран при за Боби Мојсовски на „Славјански базар“
Голем успех за македонската музика во Витебск, Белорусија! Младиот пејач Боби Мојсовски освои „Гран при“ на престижниот интернационален фестивал „Славјански базар“. Мојсовски настапи во конкуренција на 20 учесници од 20 земји, изведувајќи ги неговата „Те краде тој“, „Дождлива песна“ од Марјан Стојановски и „Whataya you want from me“ од Адам Ламберт, со кои ги освои симпатиите на публиката и стручното жири составено од 11 музички ѕвезди компетентни за оценување на вокалната техника, интерпретацијата и сценскиот настап на учесниците.
„Пресреќен сум што се враќам во родниот крај со „Гран при“ од Белорусија. Да се учествува на еден ваков голем фестивал, пред публика и жири-комисија, која внимава на секој детаљ во оценувањето на квалитетот на изведувачите, е предизвик и привилегија за секој музичар. Оваа награда е навистина посебна за мене и чест ми е што со неа го наследив мојот музички херој Тоше Проески“, возбудено изјави Боби, оддавајќи му почит и на Тоше Проески, кој во 2001 година со песната „Тајно моја“ го освои „Гран прито“ на интернационалниот фестивал. |