22.07.2012, 13:39 Моторциклист загина во Тетово
ФОТО: Дневник
ТЕТОВО - Во тешка сообраќајна несреќа што се случи во синоќа околу 21 часот на булеварот „Борис Кидрич“ во Тетово, загина моторциклист, а две лица се повредени. Во насока кон железничката станица се движел моторцикл „лингкен“, без регистрации, управуван од Дарко Стојановски (24). Од споредна уличка со мопед (велосипед на помошен погон), марка филинг, со тетовска регистрација, излегувал Н.С. (22). Според очевидци, мотоциклистот со сета сила удрил во мопедот. Од ударот, Стојановски се здобил со тешки телесни повреди на кои им подлегнал на пат за тетовската клиничка болница. Повреден е и Н.С., како и Ј.Д.Р. (33), која случајно како пешак се нашла на местото на незгодата. Оштетено е и едно патничко возило марка „пунто“, паркирано на тротоарот. На самото место, увид изврши екипа на истражен судија, јавен обвинител и полицијата. Во тек се мерки за целосно расветлување на случајот.
Во саботата околу 5,30 часот се случи уште една трагична сообраќајка, во која двајца грчки државјани ги загубија животите. Според полицијата, на два-три километри од наплатната рампа Петровец, на автопатот кон Велес, дошло до судир меѓу „Фолксваген туарег“, со германска регистрација, управуван од К.Д. од Грција и автобус со српски таблички. На самото место починал сопатник во автомобилот, Атанафиос К. (44), а подоцна на повредите им подлегнала Ваиани Д. (57). Надлежните извршија увид и ги истражуваат причините за несреќата. (Г.Е.)
|