22.07.2012, 13:15 Црвенковски демантира дека шверцувал нафта
Работно лето на СДСМ во Неготино, промовиран кандидатот за градоначалник, Силвана Филипова
НЕГОТИНО - „Ако целата битка на оцрнување против мене се заснова на изјави на сомнителни типови, дадени пред две-три години на локална босанска телевизија, јасно е дека буквално немаат ништо. Тоа е празна реторика и црна измислена кампања. Тие се седма година на власт. Се' е во нивни раце. Ако имаат доказ за криминал против мене или против било кого, треба да поднесат кривична пријава да отворат постапка пред судот. Немам намера две минути во животот да потрошам на Бичиклиски.“ Ваков беше одговорот на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски по прозивките од владеачката партија за негова поврзаност со шверц на нафта. Црвенковски и неговите сопартијци го продолжија работното лето во Неготино и во Демир Капија. Црвенковски одржа прес-конференција во близина на локацијата каде требаше да се гради железара од кавадаречки инвеститор, но одлуката пропадна поради граѓанскиот отпор. Тој рече дека неготинци застанаа против изградбата на тој железара-топилница, бидејќи со тоа било загрозено нивното здравје. Нагласи дека кога граѓаните ќе се обединат, нивниот интерес е поголем од било чиј.
Црвенквоски одговараше и на новинарски прашања. Во врска со обвинувањата од актуелната власт дека во времето на СДСМ се издвојуваа многу малку субвенции за земјоделците, тој рече дека е точна забелешката, но и дека било точно оти откупните цени на клучните земјоделски производи во нивно време беа повисоки и имало посигурен пласман. Околу соработката со Мендух Тачи, Црвенковски искоментира дека иако биле лути противници и критичари, се обединиле со цел да се промени власта поради погубната политика што ја води. Лидерот на опозицијата и од Неготино најави дека опозициониот фронт ќе се ширел и во наредниот период со придружување на невладини организации, здруженија и поединци. Преминот на Обединети за Македонија во ВМРО-ДПМНЕ и згаснувањето на партијата ги оцени како „смешна и помалку трагична реприза на она што претходно го гледавме со Марјан Додовски“. На неделниот митинг во Неготино, беше најавена и промоција за градоначалник на д-р Силвана Филипова, која најави дека ќе го вратела духот на градот, бидејќи централната власт го заборавила, а локалната уништила.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека „место однапред договорените посети на партиските членови, Црвенковски треба да ги посети обичните граѓани на Неготино и да им објасни како во времето додека владееле со државата, пропаднале фирмите и претпријатијата, а замреле индустријата, земјоделството и трговијата“. (А.Д.)
|