03.11.2009, 16:18 Николовски смета дека може да го победи Хаџи-Ристески
За него се спорни 11 делегати од четири ОФС (Гевгелија, Неготино, Демир Хисар и Македонски Брод), нелегитимни се шесте од ОФС-Битола
Сашко Ѓ. Димовски
„Според моите сознанија од теренот мислам дека имам шанси за победа“, изјави Благоја Николовски, единствениот противкандидат на Харалампие Хаџи-Ристески за претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на редовното изборно Собрание закажано за 21 ноември во Скопје.
Николовски вчера посочи на, според него, неколку неправилности во врска со претстојниот избор за прв човек на ФФМ, се осврна на изгледот на делегатската листа, реагира на изборот на претставници во Собранието од неколку општински фудбалски сојузи и повика на
„На 14 октомври побарав да ми се достави листа со делегати кои ќе учествуваат во работата на претстојното Собрание. Листата ја добив, но во неа воочив неколку неправилности. Од приложеното спорна е легитимноста на 11 делегати кои доаѓаат од четири општински фудбалски сојузи, Гевгелија, Демир Хисар, Неготино и Македонски Брод. Овие општински фудбалски сојузи немаат добиено решение за вршење дејност спорт, а се поканети да учествуваат во работата на претстојното изборно Собрание на Фудбалската федерација на Македонија“, вели Николовски.
За него се спорни и делегатите од Битола каде вели дека има појава и манипулација со два општински фудбалски сојуза, а покани за учество на Собранието немаат, според Николовски, легитимните туку нелегитимните за што со допис реагирал и кај ФФМ.
„Шесте наведени делегати од ОФС Битола се кандидати на некое здружение регистрирано како Фудбалски сојуз на Битола, а не се од општинскиот фудбалски сојуз на Битола. Тоа се два различни правни субјекти, со различни матични броеви, со различни седишта, со различни овластени лица. Предложени и прифатени се кандидатите за делегати од Фудбалскиот сојуз на Битола, а не од општинскиот фудбалски сојуз на Битола кој има добиено решение за вршење дејност спорт од Агенцијата за млади и спорт, но неговите кандидат не се на списокот што ми е доставен“, стои во дел од дописот на Николовски до ФФМ.
Запрашан за коментар по минатонеделната изјава на Хаџи-Ристески дека неговата кандидатура е прифатена само поради добрата волја на Управниот одбор, Николовски со одговор:
„Не чувствувам дека сум награден од некого. Јас сум легитимно избран кандидат од општинскиот фудбалски сојуз на Скопје во трката за претседател на фудбалската федерација на Македонија“, заврши Николовски. |