14.11.2011, 15:36 Безбедносните камери не го фатиле убиството на Мартин
Лекарка од Брза помош тврди на телото на момчето немало видливи траги. Инспектор од МВР, пак, забележал „одбрамбени рани“
Љубиша Станковиќ
Судењето на припадникот на полициските „тигри“ Игор Спасов, обвинет за убиство на младиот Мартин Нешкоски и натаму го следат многу контроверзии. На денешното судско рочиште, од негови колеги од МВР, но и од лекарката од Итната медицинска помош, се слушнаа многу нови работи кои се однесуваат на трагичниот настан, а кои на случката од шести јуни оваа година фрлаат нова светлина.
„Кај момчето кое што лежеше на тревникот, со главата потпрена на шахта, можеше да се забележи повреда на горниот дел од носот, а имаше и траги од крв од десната носница. На левата рака, од надлактицата до подлактицата, можеа да се забележат гребаници, но траги кај клупата која што ни беше посочена не најдовме. Всушност, таму имаше траги кои според нас не можеа да се однесуваат на конкретниот настан“, изјави вчера сведокот Драган Д., вработен во МВР, кој вршел увид на местото на убиството.
Сведокот кажа дека на телото на момчето забележал „одбрамбени рани“ и објасни дека станувало збор за „рани кои не личат на повреди здобиени при пад“. Тој кажа дека критичната вечер, по добиен повик, заедно со уште еден негов колега се упатиле кон Плоштадот „Македонија“, а таму крај телото на сега покојниот затекнале уште двајца нивни колеги од Одделот за крвни деликти и двајца униформирани полицајци.
„Просторот, каде што се случил настанот бил обезбеден уште во првиот момент. Јас го фотографирав, од најмалку два агла, целиот простор, а потоа и телото на момчето кое што лежеше на тревникот со главата потпрена на шахтата. Знам дека беа беа повикани Јавен обвинител и Истражен судија, но тие одговориле дека не доаѓаат, само беше издаден налог телото да се носи во Институтот за судска медицина“, изјави сведокот Драган Д. и кажа дека додека траел убидот почнале да му приоѓаат граѓани кои сакале да кажат што точно се случувало на централниот скопски плоштад.
Овој сведок потврди дека во вакви случаи не треба да има „ротација“ на службените лица и дека не е практика оние кои први го регистирале случајот да си заминат.
„Унифорамираните лица ги задржуваат сите сведоци, го обезбедуваат местото, повикуваат Итна помош и доколку има потреба ги информираат своите претпоставени, но тука немаше задржани лица“, вели тој.
Припадниците на Комесаријатот за криминалистичка истрага, сведоците Седат И. и Живко С. кажаа дека извршиле анкетирање на сите оние граѓани кои сакале да кажат нешто за случајот. Тие зеле податоци од сите нив, но вечерта разговарале само со двајца, бидејќи другите биле под дејство на алкохол.
„Најпрво побаравме снимки од камерите на МЕПСО, но добивме писмен одговор дека тие не биле во функција, а потоа се обративме и до Градот Скопје и Општината Центар. Ни беше одговорено дека камерите, поставени со проектот ’Скопје-безбеден град’, воопшто не биле во функција“, изјави сведокот Живко С., но тој немаше одговор на прашањето зошто не биле побарани снимки од камерите на операторот „Телекабел“, а кои 24 часа го снимаат токму плоштадот „Македонија“?
„Повикот го примивме во 00.25 часот, а на посоченото место стигнавме по десет минути. Прашав што било, што се случило, но никој не одговараше. Уште кога видов како е поставено телото знаев дека било преместено. Момчето имаше вкочанет поглед и раширени зеници и беше бледо во лицето. Немаше пулсации. Тоа беше мокро и со подвиткана маица. На рацете немаше траги од убоди“, посведочи Лидија Н., лекар-специјалист од службата за Итна медицинска помош. Таа рече дека нозете на Мартин биле поставени во форма на буквата „О“, а внатрешниот дел од рацете му биле отворени кон надвор. И додека таа му вбризгувала адреналин на момчето, лекарката забележала една девојка и неколку момчиња кои и' дофрлале дека Мартин треба да биде однесен во болница и покрај тоа што веќе бил мртов.
|