14.11.2011, 14:03 Поскапуваат автобуските билети на ЈСП
Цената на билетите кои се продаваат кај возачот во автобусот, од 30 денари се покачува на 35. Билетите купени од билетарница, наместо 25 ќе бидат 30 денари, а билетот за 10 возења во градските линии, од 230 денари, се покачува на 250 денари
За приградските линии, билетот за 10 возења од 280 на 300 денари. А, цената на претплатните месечни билети, за студенти, за возрасни и за пензионери останува иста.
„Главна причина е поскапувањето на цената на нафтата. Во 2009 година, во ноември, цената на дизел горивото изнесуваше окoлу 50 денари, денес е 68 денари, а трошоците за нафта се движат од 30 до 35 проценти од трошоците на ЈСП. Како друга причина за покачување на цената е одржувањето на новите автобуси и санирањето на штетите од вандалското однесување на несовесните граѓани“, вели директорот Мишо Николов.
Предлог-барањето веќе е доставено до Советот на Град Скопје и денес ќе се одлучува дали аргументите на Управниот одбор на ЈСП за поскапување на цената на јавниот превоз се оправдани или не.
Барањето на ЈСП е изненадување ако се земе предвид дека многупати досега градоначалникот Kоце Трајановски изјавуваше дека цената на ЈСП ќе остане непроменета и покрај скапите инвестиции во јавниот градски превоз.
|