08.04.2012, 12:14 Честитки за Велигден од македонскиот државен врв
Верниците од католичката, протестанската и други христијански цркви во Македонија денеска го слават денот на христовото воскресение - Велигден, една недела пред православните верници
Македонскиот државен врв денеска упати честитки до граѓаните во земјата кои го слават Велигден. Премиерот Никола Груевски во честитката по повод празникот Воскресение Христово - Велигден, до Скопскиот бискуп и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед во Македонија им посака мигови на разбирање, милосрдие и бериќет во секој дом.
Тој притоа ја истакна трајната определба на владата за промоција и развој на мултиверското општество, како еден од најдобрите гаранти на напредокот, и за реализацијата на реформите и модернизацијата кои ќе го подобрат секојдневието и ќе овозможат услови за натамошен прогрес во сите сфери од значење за граѓаните, како и прогрес на Македонија во европските и евроатлански интеграции.
Претседателот Ѓорге Иванов пак, во својата честитка до скопскиот бискуп и апостолски егзарх Киро Стојанов и до сите христијански верници кои го прославуваат Велигден според Грегоријанскиот календар порачува:
„Велигден е неодминлив патоказ дека вдахновени од примерот на Христа, можеме да ги надминеме сите голготи и предизвици. Во време на наплив од минливи вредности и краткотрајни задоволства, вели, да не заборавиме да го следиме патот на светлината и добрината, и да не се штедиме да се даруваме себеси на другите, негувајќи љубов кон нашите сограѓани и работејќи на просперитетот на нашата татковина“.
Синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа традиционалната велигденската воскресна литургија на која Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов ја прочита велигденската порака до верниците.
Илјадници христијани го слават Велигден во Ерусалим
Илјадници христијански верници и аџии денеска го прославуваат Велигден во Ерусалим со процесии и молитви.
Велигденската миса во древната црква на Христовиот гроб, подигната на местото каде, според христијанското верување, Исус е распнат, погребан и каде воскреснал, свештенството во бели и златни мантии, служеше миса.
Италијанскиот премиер Марио Монти, кој дојде во црквата во рамки на приватна посета, им се придружи на масата верници. Тој се ракуваше со аџиите и разговараше со калуѓерите во ерусалимскиот стар град.
Со прославата на Велигден завршува одбележувањето на светата недела, која е сеќавање на распнувањето и враќањето во живот на Исус.
Папата одржа бдеење воочи Велигден
Папата Бенедикт Шеснаесети одржа бдеење воочи Велигден, кој денеска се прославува според Грегоријанскиот календар и за време на кое изрази стравување дека човештвото талка по мрак, неспособно да разликува добро од зло.
- Љубовта е посилна од смртта. Доброто е посилно од злото. Љубовта е посилна од омразата. Вистината е посилна од лагата, им порача синоќа папата на верниците собрани во Базиликата Свети Петар.
Бенедик 16. меѓутоа рече дека „темнината претставува вистинска закана за човештвото“.
- Доколку Господ и моралните вредности, разликата меѓу добро и зло, остане во темнина, тогаш сите други е'светлае' кои ни ги ставаат на дофат на раката неверојатните технички достигнувања, не претставуваат само напредок, туку и опасност, која не загрозува нас и светот, порача папата.
Службата почна драматично. Освен блицеви од камерите, базиликата беше во целосен мрак, во која неколку илјади верници го чекаа доаѓањето на папата. Со тенка свеќа во рака, тој се качи на издигнатата платформа, од каде беше превезен до централниот олтар.
Папата денеска ќе одржи Велигденска миса на плоштадот Свети Петар и говор од централниот балкон на базиликата.
|