25.01.2012, 18:22 Новинарството во амбис
Репортери без граници ја смести Македонија на 94. место по слободата на говорот. Во 2009 година бевме на 34. место, а во 2010 на 68.
Новинарските слободи во Македонија паднаа во вистински амбис во 2011 година, оценува во својот годишен извештај организацијата Репортери без граници. Во годината во која цензурата доминирала како никогаш досега во медиумите, Македонија падна на 94. место од рангираните 179 држави со индех 31,67. Двете најслободни земји за медиумите, Финска и Норвешка, го имаат максимумот индексни поени -10, третата Естонија има -9.
Во 2010 година Македонија беше на подносливото 68. место, додека во 2009 на 34., што од денешен аспект изгледа неверојатна позиција. За само две години сме се стрмоглавиле за 60 места надолу. Ова е уште еден од загрижувачките извештаи за слободата на говорот во Македонија. Медиумските слободи веќе станаа клучен фактор за нашето напредување кон заедницата на западните демократски држави.
Репортери без браници со една реченица опишуваат дека минатата година во Македонија била затворена најгледаната телевизија и три дневни весници, сите во сопственост на една компанија. Но, организацијата го опишува амбиентот во кој работат новинарите на Балканот. „Економската криза ги потенцира проблемите на медиумите на Балканот – употребата на медиумите за приватни или криминални интереси, нефер конкуренција на многу малите пазари и самоцензура на растечкиот број лошо платени новинари. Судиите - кои се поврзани со владата и често корумпирани – се позаинтересирани да ги шиканираат медиумите отколку да ги запрат оние што им се закануваат на новинарите“. Во таквата балканска атмосфера на ранг-листата на Репортери без граници Босна и Херцеговина е на 58. место, Црна Гора на 107., Албанија на 96., Србија и Бугарија на 80. место, Хрватска на 68., а Словенија на 36. место.
„Репресиите беа водечка тема минатата година. Слободата на информирањето никогаш не била толку тесно поврзана со демократијата, работата на новинарите никогаш во толкава мера не им пречела на непријателите на слободата“, се наведува во десеттиот годишен извештај на Репортери без граници.
Но, и во таквата година полна со репресии некои земји покажале извонредно чувство за слободата на говорот. Две африкански земји, Зелено’ртските Острови и Намибија, се пробија меѓу првите 20 најслободни земји во светот. Лани таму не бил пријавен ниту еден случај на опструкција на медиумите. Еритреја, Туркменистан и Северна Кореја се наречени „пеколната тројка“, во тие земји нема никаква јавна слобода и тие се последни на листата, по Сирија, Иран и Кина. Најголем скок нагоре за една година направи Нигер (на 29 место), се искачи дури за 75 места благодарение и' на успешната политичка транзиција. (Љ.П.) |