25.01.2012, 18:15 Арифи го скрши мразот во Атина
Иако разговараа во четири очи, Арифи и Пангалос официјално не го отвориле прашањето за името
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина – По неколку одложувања, вицепремиерката за европски прашања Теута Арифи и вицепремиерот на грчката влада, Теодорос Пангалос, конечно се сретнаа во Атина, но според она што се соопшти јавно, разговарале многу, но не и за спорот околу името на државата, иако разговараа во четири очи.
На средбата, официјално, тие разговарале за можна техничка и експертска помош од Грција за евроинтеграцијата на Македонија и искористувањето на ИПА фондовите, како и за подобрување на прекуграничната соработка на двете држави. По средбата, Арифи истакна дека побарала грчка поддршка за прием во ЕУ, но дека разговорите главно биле во рамки на темите поврзани со евроинтеграцијата.
„Моето барање претежно беше за поддршка во рамките на овие процеси, кои не се ниту лесни, ниту траат толку кратко. Важно е што успеавме да оствариме заедничка средба и што можевме да разговараме за многу конкретни програми каде што можеме да сметаме на поддршката од нашиот сосед“, рече Арифи. Сепак, според неа, спорот за името е чувствително прашање кое бара конструктивност од двете страни, нешто на кое постојано посочува и за што грчката страна постојано ја критикува македонската.
„Со фактот дека сум овде, Република Македонија ја докажува конструктивноста во сите овие процеси и оценувам дека тоа ќе даде поттик за интензивирањето не само на контактите, туку и за надминување на проблемите кои постојат меѓу двете земји“, рече Арифи.
Пангалос двочасовната средба со Арифи ја оцени како интересен разговор кој бил фокусиран главно на теми поврзани со ЕУ и на кој двете страни ги изразиле своите ставови. Грчкиот вицепремиер посочи дека се дискутирало за подобро искористување на ИПА фондовите, за што Грција планира да понуди помош и услуги на Македонија со цел да се олесни напредокот на Македонија кон ЕУ.
Двајцата вицепремиери истакнаа дека треба да се работи на продлабочување на бизнис соработката и односите меѓу граѓаните од двете држави. „Имаме заеднички економски интереси, Грција игра активна улога во економијата на вашата држава, има голем број инвестиции, и нашата трговија е жива, активна и постојано во подем“, истакна Пангалос.
Македонската вицепремиерка упатила покана до Пангалос да го посети Скопје. „Го поканив и билатерално и во рамки на регионална иницијатива која ќе ја поведам“, најави Арифи, додавајќи дека е редно претставник од грчката влада да престојува во нашата земја.
Арифи потврди дека на тет-а-тет средбата со Пангалос го предала писмото од Груевски до грчкиот премиер Лукас Пападимос, при што изрази надеж дека тоа ќе стигне до него и дека ќе помогне да се изгради позитивна атмосфера во билатералните односи.
Грчките медиуми повикувајќи се на информациите во македонските, веднаш објавија вест за писмото на Груевски. Првичните реакции во новинарските кругови се дека нема да има средба, пред се' поради тоа што грчкиот премиер во моментов е целосно посветен на преговорите за новиот заем и кратењето на грчкиот долг и го има утврдено својот распоред.
Некои од првичните коментари се дека ова второ писмо на Груевски до Пападимос е продолжение на континуираниот обид на македонскиот премиер да ја претстави Грција како неконструктивна пред меѓународната јавност во преговорите за името.
Средбата меѓу Арифи и Пангалос беше проследена од мал број грчки новинари, иако сите медиуми ја пренесоа содржината од неа. Таа сепак беше дочекана како интересна бидејќи се одржува во време на политичка затегнатост меѓу двете страни и со вклучување на грчкиот вицепремиер кој во 2011 беше на мета на грчките медиуми поради полибералните ставови за спорот за името, обелоденети преку ��окументи на Викиликс. |