25.01.2012, 17:51 Заев ги зближува СДСМ и Османи
Градоначалничка средба во Струмица за зајакнување на опозицискиот фронт
Струмица - Опозицијата мора да даде максимален придонес и да го зајакне фронтот за да и' помогне на Македонија да излезе од ќорсокакот, заклучија вчера градоначалниците на Гостивар и на Струмица, Руфи Османи и Зоран Заев. Османи, кој е лидер на НДП и Заев, кој е потпретседател на СДСМ, се сретнаа во Струмица, каде што разговараа и за продлабочување на соработката меѓу двете општини. Средбата се реализира во време кога опозициските партии од македонскиот и од албанскиот камп си испраќаат сигнали за можна соработка и за надминување на несогласувањата што ги имаа во минатото.
Османи рече дека алтернативи има, но дека недостасува консензус.
„Опозицијата има обврска да одговори на големите предизвици со кои се соочува државата, од аспект на унапредување на процесот на интеграција и наоѓање решение за проблемот со името. НДП има алтернативи, како што има и СДСМ и другите опозициски партии, но недостига тој консензус за излез од ситуацијата во која се наоѓа земјата“, рече Османи.
Заев потврди дека вратите на СДСМ се отворени за соработка секогаш и за сите кои може да придонесат за подобрување на состојбата во земјата.
„Видиците на СДСМ се окрупнување на опозицискиот блок. Се надевам дека и со оваа млада партија што ја води Османи имаме допирни точки врз кои можеме да изградиме платформа за идни соработки“, рече Заев. (С.Т) |