05.12.2012, 09:55 Харадинај се подготвува за премиерската фотеља
Поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај, изјави дека очекува да биде нов косовски премиер и дека за тоа ќе разговара со сегашниот претседател на косовската влада Хашим Тачи.
Харадинај, кој минатата недела во Хаг беше ослободен од обвинувањата за воени злосторства и убиства на цивили во 1998 година, синоќа изјави дека во следните денови ќе ги почне разговорите со косовскиот премиер за приклучување на неговата партија Алијанса за иднината на Косово кон косовската влада.
- Целта ми е да ја преземам водечката одговорност за земјата, да ја преземам одговорноста во управувањето и можноста да инсистирам да се промени ситуацијата во земјата, рече Харадинај.
Харадинај кажа дека е подготвен, во рамки на дијалгоот меѓу Белград и Приштина, да се сретне со премиерот на Србија, Ивица Дачиќ.
- Ќе ја преземам одговорноста за управувањето со земјата. Од тој ден ќе ги преземам сите должности што и припаѓаат на извршната власт, изјави тој.
Неименуван претставник на Демократската партија на премиерот Тачи потврди дека партијата размислува за „партнерство“ со Харадинај, за на тој начин да ја обезбеди поддршката за нестабилното мнозинство во парламентот.
Косовските медиуми се погласно шпекулираат дека Тачи може да му го предаде премиерското столче на Харадинај за тој да стане претседател, што е првенствено церемонијална функција, која, меѓутоа, ќе му овозможи да ја зацврсти поддршката. |