05.12.2012, 16:58 Фатен „мозокот“ за убиствата кај Смилковци
Главниот организатор на петкратното убиство е уапсен во Косово и веднаш е екстрадиран во земјава
Главниот организатор на петкратното убиство кое се случи кај Смилковци е уапсен во Косово и веднаш е екстрадиран во земјава. Како што дознаваме од извори во Министерството за правда, станува збор за Алија Шукри, кој вчера е донесен во земјава и веднаш е пренесен во затворот во Шуто Оризари.
Шукри не се споменуваше досега во предметот за Смилковско Езеро, но, според извори од полицијата и од Министерството за правда, станува збор за „мозокот“ на целата операција.
Екстрадиција на приведениот во Косово вчера во голема тајност била извршена и тој веднаш е пренесен во Притворското одделение во затворот „Скопје“. Според косовските медиуми, Алија беше дел од црната листа на Европската унија поради неговите залагања против Охридскиот договор, масовните протести, како и останати сценарија кои имаат седум точки.
За трагичниот настан што се случи на 12 април 2012 година за тероризам беа обвинети Алил Демири (27), Африм Исмаиловиќ (32), неговиот брат Агим Исмаиловиќ (33) со прекар Гими, Фејзи Азири (54) и Рами Сејди (24), а Хаки Азири ќе треба да одговара за помагање по извршено дело тероризам.
Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство, а за вториот се претпоставува дека се наоѓа во Косово. Терористичкиот акт се случи спроти Велигден кај Смилковско Езеро, кога групата од близина го извршила свирепото убиство на Цветанчо Ацевски (19), Кире Тричковски (21), Александар Накевски (18), Филип Славковски (20) и Борче Стевковски (45).
|