06.12.2012, 11:49 Србија ја намалува соработката со Хаг
Србија одлучи да ја намали соработката со Хашкиот трибинал по ослободителните пресуди за хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач и поранешниот премиер на Косово Рамуш Харадинај, изјави германскиот пратеник на Обединетите нации Петер Витинг.
За време на синоќешната дебата во Советот за безбедност на ОН Витинг изрази загриженост поради најавата, што Србија ја изнесе претходниот ден во писмо до генералнот секретар на Светската организација, дека ќе ја намали соработката со Трибуналот до техничко ниво и покрај претходните ветувања на српската Влада.
Хашкиот Трибунал, првпат по серија ослободителни пресуди синоќа беше тема на Советот за безбедност на ОН, а ставовите за неговиот придонес кон правдата и помирувањето во поранешна Југославија остана целосно поларизирана - од остри критики на претставникот на официјална Москва до поддршката на западните земји заради работата и одлуките на Трибуналот.
Претседателот на Трибуналот Теодор Мерон на синоќешната седница го потенцира одличниот напредок на Судот и како примери ги наведе завршувањето на судењето на Харадинај и донесувањето конечна пресуда за Готовина и Маркач девет месеци пред предвидениот рок.
Од своја страна, пак, првиот потпретседател на Владата на Србија, Александар Вучиќ укажа дека тој Суд не успеал ниту да ја задоволи правдата, ниту да придонесе за помирување.
Трибуналот, рече Вучиќ, со своите пресуди ја издвоил српската нација како единствена одговорна за свирепите злосторства на територијата на поранешна СФРЈ.
Вучиќ ја повика меѓународната јавност да се запознае со последиците од одлуките на тој Суд и да го спречи амнестирањето и величењето на злосторствата.
- Меѓународното право мора да важи за сите подеднакво, а не за некои народи повеќе, а за други помалку, нагласи Вучиќ.
- За стотици илјади српски бегалци, илјадници мртви, ранети и несреќни, Хашкиот трибунал осуди неколку чувари на логорот на Челебиќи во Босна и двајца косовски Албанци - непосредни извршители од понизок ранг, рече Вучиќ.
- Србија се наоѓа на европскиот пат, Србија сака да соработува со сите народи и држави во регионот. Србија ги прифати и ги исполнува сите свои меѓународни обврски, Србија води дијалот со Приштина под покровителство на ЕУ и единствено што Србија бара е правда. Ништо повеќе и ништо помалку, порача Вучиќ.
Вучиќ потсети дека Србија на Трибуналот му ги предала сите обвинети кои беа побарани, вкупно 45, како и дека од вкупно 3.200 барања за помош на Обвинителството на Трибуналот и одбраната на обвинетите, целосно одговорила на речиси сите примени барања и оти ниту едно барање на Обвинителстовото на Трибуналот да се оствари увид во архивите не е одбиено.
- Наведените податоци јасно ја покажуваат посветеност на Србија на утврдување на целата вистина за злосторствата кои се извршени во текот на вооружените судири на територијата на поранешна Југославија, што вклучува и казнување на одговорните за злосторствата независно од нивната национална припадност и националната припадност на жртвите, рече Вучиќ.
Тој додаде дека токму заради тоа „верата на Србија во меѓународното право доживеа најтежок можен удар заради срамните ослободителни пресуди на Жалбениот совет на Меѓународниот трибунал за Готовина и Маркач, а пресудата на Харадинај само додаде сол на раната“.
Според претседателот на Хашкиот трибунал Мерон, Трибуналот „засекогаш го трансформирал лицето на меѓународната правда во целост уважувајќи ги правата на обвинетите и принципот на правда“.
- И покрај одредени доцнења во завршувањето на судењата и жалбените постапки пред Судот, нема сомнение дека работата која Трибуналот до сега ја направил и наследството кое ќе го остави се од големо значење, рече тој.
Мерон изрази очекување дека судењето на поранешниот претседател на РС, Радован Караџиќ, ќе биде завршено до 31 декември 2014, а на поранешниот воен лидери на босанските Срби, Ратко Младиќ, до 31 декември 2016 година.
Судењето на поранешниот претседател на Република Српска Краина, Горан Хаџиќ би требало да заврши до 31 декември 2015, а на претседателот на Српската радикална партија, Воислав Шешељ, до јули 2013 година, додаде тој.
Главниот овиниел на Трибуналот Серж Брамерц ја пофали досегашната соработката на Србија со Обинителството на Хаг, истакнувајќи дека таа е од најголемо значење за успешно завршување на судењата кои се во тек.
Во врска со ослободителните пресуди на Готовина, Маркач и Харадинај, Брамерц рече дека нема сомнение дека се сериозни злосторства и дека жртвите имаат право на задоволување на правдата.
- Тие пресуди предизвикаа голем број реакции и јас можам да кажам дека нема сомнение дека се сериозни злосторствата кои се извршени и оти жртвите имаат право на задоволување на правдата, рече Брамерц.
Амбасадор на Русија на ОН, Виталиј Чуркин оцени дека Хашкиот трибунал „не покажа ниту праведност ниту ефикасност“ во работата и рече дека Русија била изненадена како во случајот со пресудите на хрватските генерали во еден глас биле демантирани години на истрага за злосторството.
- Кој е виновен за убиствата и прогонот на 250.000 луѓе, праша тој и додаде дека во овие случаи не е исполнета правдата.
Според него слично се случило и со судењето на Харадинај.
- Убиствата и мачењата на Косово без соменине се случиле, а немаме извршители. Вакви постпки само ја поттикнуваат недовербата која населението на поранешна Југославија и првобит��о ја покажа кон овој Суд, истакна тој. |