07.12.2012, 16:12 Смирувачка средба пред европскиот самит
Груевски и Ахмети се обидоа да испратат порака до јавноста дека ја контролираат ситуацијата со меѓуетничките односи и со евроатлантските перспективи
Владејачката коалиција е стабилна и функционира нормално, се сигналите што се обидоа да ги испратат до јавноста партнерите Никола Груевски и Али Ахмети, кои се сретнаа денеска во Владата. Тоа беше прва нивна средба по подолго време, откако ескалираа несогласувањата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, прво во парламентот, во текот на расправата за законот за бранителите, а потоа и на терен, за време на прославата на стогодишнината од албанската независност, што се рефлектираше и на меѓуетничките односи во државата.
„Груевски и Ахмети апелираат за воздржување од провокации, при искорис��ување на меѓуетничките и меѓурелигиските односи во функција на дневно политички цели, од страна на кој било субјект или поединец“, се потенцира во заедничкото соопштение од средбата, што беше пуштено во јавноста прво преку прес-центарот на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и од службата за информирање на ДУИ.
Состанокот на „Илинденска“ се одржа спроти самитот на ЕУ. Неколку дена пред одлуката за тоа како понатаму ќе се одвиваат интеграциските процеси на Македонија, лидерите на двете најголеми партии во Владата манифестираа усогласеност во ставовите за евроатлатнските перспективи.
„Иднината на нашата земја е во голема обединета Европа и пораките кои одат во друга насока од оваа не ја отсликуваат позицијата на двете партии и правецот на развој на нашата земја“, е пораката што произлезе по состанокот.
Груевски и Ахмети се согласиле дека мултиетничкиот и мултирелигискиот соживот се од значење за развој на општеството и дека заедниците треба да се почитуваат, уважуваат и да соработуваат.
„Владините партнери ценат дека секоја заедница треба да го почитува идентитетот на другите заедници кои живеат во земјата и дека заедниците имаат право да го изразуваат својот идентитет на начин кој нема да ги вознемири или повреди чувствата на припадниците на другите етнички заедници или, пак, државниот интерес, согласно Уставот и законите“, се вели во долгото соопштение што следуваше по средбата.
„Ние сме најодговорни за меѓуетничките односи“
На средбата очи в очи, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се обврзале да ги искористат своите авторитети и можности, за да влијаат во надминување на предизвиците со кои се соочува соживотот во државата, во духот на почитувањето, толеранцијата и меѓусебното разбирање, а имајќи предвид дека Македонија е правна држава, така што Уставот и законите мора да се почитуваат доследно.
Груевски и Ахмети, чии партии почнаа отворено да манифестираат дуализам во ставовите уште во август годинава, со случајот „Слупчане“, овој пат заклучиле дека најголемата одговорност во делот на меѓуетничките односи е кај политичките елити, посебно кај политичарите кои добиле поголема доверба од граѓаните. Затоа, тие се обврзале дека ќе сторат максимум за спречување на какви било обиди од злоупотреба и погрешно интерпретирање постапки од сферата на меѓуетничките односи. (А.М.М.)
|