06.12.2012, 12:05 Пјонгјанг со 100 милиони долари го јакнел култот кон Ким Џонг-ил
Северна Кореја е пред сериозни финансиски проблеми, откако се покажа дека потрошила 100 милиони долари во текот на изминатата година за зајакнување на култот кон личноста на поранешниот лидер Ким Џонг-ил, кој почина во декември 2011 година, пишува британскиот весник „Дејли телеграф“, повикувајќи се на јужнокорејски медиуми.
Според медиумите во Сеул, Пјонгјанг потрошил 10 милиони долари за огромен споменик на Ким во главниот град, кој е откриен во април. Седум вакви статуи со вкупна вредност од 50 милиони евра биле поставени низ целата земја.
Северна Кореја потрошила, исто така, 25 милиони долари за изградба на 3.200 поскромни споменици, на кои е само напишано името на починатиот лидер, а кои се поставени на крстосници низ земјата.
Новиот севернокорејски лидер Ким Џонг-ун побарал од високи партиски функционери да соберат средства за оваа кампања, како и за обновување на мавзолејот во Пјонгјанг, каде е положено телото на неговиот татко.
Севернокорејци, кои работат во странство, биле повикани да платат секој од нив по 150 долари за кампањата. Пјонгјанг земал кредит со 40-процентна камата од руски и азиски банки.
Со овие пари Северна Кореја можела да купи 380.000 тони пченка, бидејќи според извештај на ОН околу две третини од 24-милионското севернокорејско население страда од недостаток на храна. |