05.12.2012, 13:33 Новите мерки на НБМ ќе важат од 1 јануари 2013
Неконвенционалните мерки што ги презеде Народната банка имаат за цел да ги ублажат последиците од кризата и да му помогне на македонското стопанство
Новите неконвенционални мерки што ги презеде Народна банка на Македонија со цел да ги ублажи последиците од кризата и да му помогне на македонското стопанство да дојде до поевтини кредити ќе важат од 1 јануари следната година, откако тие ќе излезат во „Службен весник“.
Ова денеска го објави централната банка на својата веб-страница.
Мерките беа промовирани на крајот од минатиот месец, а главната цел е кредитите што банките ќе ги одобруваат за компаниите кои се нето-извозници, како и за финансирање на енергетските проекти, да поевтинат меѓу 0,5 проценти до 1 отсто.
Мерките значат намалување на основицата за задолжителна резерва за износот на кредити кои банките ќе ги одобрат и исплатат на компании нето- извозници или за финансирање проекти за производство на електрична енергија, било да е за сопствени или за комерцијални цели. Другата новина е што се намалува износот на обврската за задолжителната резерва за пласираните средства од страна на банките во корпоративни обврзници издадени од фирми нето-извозници или за финансирање проекти за производство на електрична енергија. И третата новина е што ќе се пресметува стапка од нула отсто задолжителна резерва за сите издадени корпоративни обврзници од страна на банките, со рочност над две години. (Ек.Р.) |