06.12.2012, 15:22 Македонија заглави во Брисел
Расправата за нашата препорака се одложи по вторпат
Македонија никако да се најде на дневен ред на Советот на Европската унија, откако расправата за нас двапати се одлага па сега е најавена за денес, практично во пет до дванаесет. Во понеделник имено ќе почне состанокот на шефовите на дипломатиите на Европската унија, а пакетот за Балканот ќе се расправа во вторник, односно два дена пред самитот на ЕУ на кој, по се изгледа, ќе се донесе крајната одлука. Тоа што расправата се одолговлекува е знак дека има повеќе прашања околу кои се кршат копја во ЕУ, а со оглед на информациите досега, проблем се заклучоците за Србија и Косово, покрај тие за Македонија. Откако директорот за проширување Стефано Санино ја прочитал препораката од извештајот за Македонија со која се бара почеток на преговорите паралелно со решавање на спорот за името, расправата била прекината и одложена, така што нема ни навестување во кој правец ќе се движат случувањата и кои земји ќе ја поддршат препораката на еврокомесарот Штефан Филе.
Како и да е, Филе денеска од Брисел прати предупредувачка порака до Македонија, изјавувајќи дека е важно нашата влада да сфати дека решението на спорот околу името не може да ни го одработи Европската комисија, колку и да е креативна, или Советот на ЕУ со некоја магична формула. Филе практично сугерираше дека нашата влада не прави доволно да помогне околу препораката, и дека Македонија е пречка, а не Грција. Уште повеќе тој го посочи меморандумот на Атина како важен чекор кој може да доведе до напредок , со надеж дека нашата држава нема да ја пропушти таа шанса. Што е тоа што очекува Филе а нашата влада не прави, не е сосема јасно во јавноста, освен дека треба да е демонстрација на некоја политика на добрососедство, бидејќи тоа ни е најновиот формален услов за препораката.
Како и да е, нашиот државен врв не покажува оптимизам кон самитот, а таков сигнал е и повторниот престој на вицепремиерката Теута Арифи во Вашингтон место во некој од центрите на ЕУ, за да учествува на трибина со поранешни американски и европски функционери. Од Владата сепак најавија дека очекуваат идната недела премиерот Никола Груевски да оди во Брисел за да присуствува на самитот на европските народни партии. (С.Ј.)
|