18.06.2012, 22:59 Баросо: ЕУ не дојде на Самитот на Г-20 за да добие лекции по економија
Оваа криза не настана во Европа, изјави пред новинарите Претседателот на Европската комисија
Европа не дојде на Самитот на Групата 20 најразвиени земји и држави со забрзан развој за да добие лекции по економија, изјави денеска претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо.
- Искрено кажано, ние не дојдовме овде да добиеме лекции во поглед на демократијата или во однос на економското управување, изјави Баросо запрашан од новинарите за кредибилитетот на Европската унија.
Освен тоа, оваа криза не настана во Европа, истакна Баросо пред новинарите на самитот во мексиканското туристичко место Лос Кабос.
Кризата настана во Северна Америка и најголем дел од нашиот финансиски сектор е заразен од незаконски практики, од одредени сектори на финансиските пазари, нагласи претседателот на Европската комисија.
Баросо истакна дека очекува лидерите на Г-20 да зборуваат сосема отворено во корист на пристапот што го следи ЕУ.
Претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј изјави дека нацрт соопштението на Г-20 покажува поддршка и охрабрување за земјите членки на еврозоната, како и за лидерите и целата Европска унија со цел да се надмине кризата.
- Не сме единствените одговорни за моменталната економска ситуација што владее во светот, изјави Ромпуј. |