10.01.2012, 14:07 Вељаноски-Красниќи: Нема отворени прашања меѓу Македонија и Косово

Вељаноски е првпат во Косово како претседател на Парламент, а воедно е и првиот македонски државник во официјална посета на Приштина
Унапредување на односите меѓу двете земји, особено меѓупарламентарната сработка и пренесување на македонските искуства, се главните теми за кои денеска во Приштина разговараа претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски и неговиот домаќин Јакуп Красниќи.
Вељаноски е првпат во Косово како претседател на Парламент, а воедно е и првиот македонски државник во официјална посета на Приштина.
- Мојата посета на Косово дава уште еден поттик на соработката меѓу двете држави. Можам да изразам задоволство дека немаме никакви отворени политички прашања меѓу двете држави, а на мое лично задоволство се интензивира донесувањето ратификации на договори и спогодби меѓу двете држави во Собранието на Република Македонија и тоа од повеќе области – безбедноста, правдата, економијата, финансиите, изјави Вељаноски.
На средбата со неговиот косовски колега искажал подготвеност за пренесување на сите искуства за демократизација на една институција како што е Собранието. – Да го пренесе своето дваесетгодишно искуство, да ги пренесе своето искуство и за подобрување на капацитетот на Собрание на една држава, изјави Вељаноски посочувајќи дека претставници на стручната служба на косовскиот Парламент ќе го посетат македонскиот Парламент.
Меѓу Македонија и Косово има добра трговска размена, но таа, како што истакна тој, треба да се интензивира. Потсети дека во претходниот собраниски состав Парламентот донесе два документа – Декларација со која се препорачува признавање на Косово и Ратификација на демаркацијата на границата со Косово.
Претседателот на Собранието верува дека со оваа посета ќе се испрати позитивна порака до граѓаните од двете држави, но и до бизнисмените.
Запрашан за македонскиот став за релациите Приштина - Белград, Вељаноски рече дека Македонија има соработка со сите држави во регионот, освен со јужниот сосед. – Реалноста што постои во регионот треба да биде прифатена што поскоро. Секако на нас политичарите е одговорноста побргу да придонесеме за временскиот период на прифаќање на реалноста, изјави Вељаноски.
Косовскиот претседател на Парламентот смета дека оваа прва официјална посета на претседателот на македонското Собранието ќе даде дополнителен импулс во соработката меѓу двете земји. - Убеден сум дека на институционалната соработка ќе и даде нова компонента и содржина. Како претседатели на Собрание имаме обврска да ја интензивираме соработката и да ги подобриме односите меѓу нашите две земји во сите области – економијата, образованието, здравството...една сестрана соработка со цел да се олесни, да се помогне и да се смени квалитетот на животот на нашите граѓани, изјави Красниќи.
Во состав на делегацијата која ја предводи Вељаноски се и пратениците Јани Макрадули, Талат Џафери и Светлана Карапетрова, членови на групата за соработка на Собранието на Република Македонија со Парламентот на Република Косово.
В��љаноски од неговиот косовски колега Красниќи беше пречекан со свечена церемонија по што се одржа тет-а-тет средба. Попладнево во Приштина тој се сретна и со косовската претседателка Атифете Јахјага, а ќе биде примен и од премиерот на Косово, Хашим Тачи.
|