03.12.2012, 13:12 Четврти неуспешен обид да се ликвидира Драганчо Стоименов
Врз клучниот сведок во акцијата Детонатор пукале две лица на паркинг на булевар АВНОЈ, информираат од полицијата
Кочанчанецот Драганчо Стоименов (34) со прекар Дацо вчера по четврти пат преживеал обид за убиство. Во Стоименов, кој е сведок во случајот „Детонатор“, две непознати лица пукале синоќа околу 23 часот, на паркинг-простор на булеварот „АВНОЈ“ во Скопје. При нападот, тој се здобил со изгореница на десното колено и му била укажана помош во Ургентниот центар во Скопје.
Од МВР го потврдуваат нападот и велат дека е приведено едно лице за кое постои сомневање дека учествувало во нападот на Стоименов, а се трага и по вториот напаѓач.
Вчерашниот напад врз Стоименов е извршен на истото место каде што во декември минатата година, во канта за отпадоци, до која беше паркирано неговото возило ���сеат леон“, беше поставен експлозив. Во тој напад Стојменов мина без сериозни повреди, а беше оштетено и неговото возило.
На судење на кое беше повикан во својство на сведок и оштетен, тој со прст покажа на лицата кои се товарат за неговиот обид за убиство. Обвинителството товари шест лица од 16-члената група обвинети во случајот „Детонатор“. Доколку се покаже дека обвинетите од „Детонатор“ навистина стоеле зад трите обиди за убиство на Стоименов, тогаш полицијата ќе мора да утврди кој стои зад неделниот напад со оглед на тоа што сега тие се зад решетки. (Љ.С.)
|