05.09.2012, 15:40 Пешевски: Падна конкурентноста кај компаниите, а не кај Владата
Падот од едно место за Македонија на листата за конкурентност, според Пешевски се должи на влошените индикатори кај компаниите, а не и кај Владата
Македонија е рангирана на 80. место од вкупно 144 држави во најновиот Глобален извештај за конкурентност на Светскиот економски форум.
Земјава паднала на листата за едно место, но за Владата ова значи дека сме ја задржале конкурентноста на постојното ниво во услови кога речиси сите економии во регионот бележат падови. Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, падот се должи на влошените индикатори кај компаниите, а не и кај Владата.
„Она што влијаело позитивно да го задржиме овој тренд се главно активности и проекти кои се раководени и иницирани од Владата и доколку останатите индикатори кои се повеќе под влијание на компаниите не бележеа таков пад, ние можевме да очекувавме оваа година реално, можеби, да бидеме втора најконкурентна економија по Словенија во регионот. Но, сепак, треба да бидеме задоволни во однос на она што значи поорганизиран пристап кон подобрување на конкурентноста на државата“, изјави денеска Пешевски.
Во извештајот од индикаторите кои се мерат, влошувања има кај инфлацијата кај која во претходниот извештај Македонија била во групата на земји со инфлација меѓу 0 и 2 проценти во која спаѓаа 50 држави. Бидејќи минатата година инфлацијата беше 3,6 проценти, автоматски Македонија беше во група на држави со инфлација меѓу 2 и 4 проценти и е рангирани на 54. место. Според вицепремиерот, ова е најголемото влошување, но не се работи за некоја енормно висока инфлација, но таа сепак влијаела негативно на рангот.
Влошувања има и кај усвојувањето технологии на ниво на претпријатија, соработката во односите работодавец и вработен, капацитет за иновации, степен на ориентираност кон потрошувачите од страна на компаниите, подготвеност да се делегираат овластувања во рамки на компаниите, софистицираност на потрошувачите, истражувачката соработка меѓу универзитетите и индустријата, и во делот на истражувањата и развојот.
Пешевски потенцира дека сите слабости што се идентификувани во извештајот ќе бидат детално разгледани на Националниот совет за претприемаштво и конкурентност, и онаму каде што ќе може да се идентификуваат соодветни мерки за подобрување, тие ќе бидат предложени од Владата. „Верувам дека ќе се почне со проекти и идната година, доколку не се случи некоја посериозна криза во овој дел од светот, може да очекуваме и позначително подобрување на македонската конкурентност“, потенцира Пешевски. (С.М.) |