05.09.2012, 13:12 Олимпијадата не им донесе профит на британските трговци
Продажбата во трговијата на мало во Велика Британија во текот на минатиот месец е намалена за 0,4 отсто, во споредба со истиот месец лани, покажуваат вчера објавените податоци на британскиот трговски конзорциум. Тоа значи дека Летните олимписки игри во Лондон, кои се одржаа од 27 јули до 12 август, не им помогнаа на британските трговци да забележат подобри комерцијални резултати.
Според процените на овој конзорциум, Олимпијадата имала спротивен ефект и придонесе за намалување на вкупниот промет во трговијата. Доколку се исклучи малопродажбата за време на велигденските празници, августовските трговски показатели се најлошите од ноември минатата година.
Економски експерти објаснуваат дека нема место за поголема возбуда, ниту за паника околу состојбите во малопродажбата, но инсистираат дека показателите на британскиот трговски конзорциум откриваат дека лондонската Олимпијада не придонесоа за покренувањето на прометот кај трговците, како што тоа беше најавувано и очекувано.
Во текот на целото траење на Игрите, трговците ги укинаа сите традиционални летни распродажби, а курсот на фунтата во однос на еврото, со кое пазаруваа најголемиот број од странските туристи, беше одржувано на високо ниво. |