07.09.2012, 09:55 Прв случај на западнонилска треска во Хрватска
Првиот најверојатен случај во Хрватска на болест предизвикана од вирусот Западен Нил регистриран е кај пациент од Славонски Брод, потврдија синоќа хрватските здравствени власти.
Во почетокот на август во Општата болница во Славонски Брод е примен маж на 65-годишна возраст. Вирусот кај него е утврден за време на анализи кои требало да утврдат воспаление на мозокот.
- Резултатите од вирусолошката дијагностика укажуваат на веројатна инфекција со вирусот Западен Нил, за кој е потребно да се направат дополнителни тестови, изјави Анте Цвитковиќ, директор на Жупанискиот завод за јавно здравство.
Се претпоставува дека маж��т бил инфициран за време на својата посета на Бачка. Моментно пациентот е вон животна опасност.
Хрватскиот министер за здравство, Ранко Остоиќ, изјави дека нема причини за паника. Најави дека денеска ќе одржи состанок со здравствени претставници од Панонската жупанија.
Здравствените власти соопштија дека болеста не може да се пренесе од човек на човек туку вирусот го пренесуваат комарците при убод на човек. Во 80 отсто случаи инфекцијата минува без симптоми, а во 20 отсто случаи се развива манифестна болест воглавно со умерени смптоми карактеристични за настинка или грип. Ретко се развива со симптоми на менингоенцефалитис (воспаление на мозокот), првенствено кај стари луѓе или лица со намален имунитет. |