06.09.2012, 13:32 Наскоро тендер за „Џумајлија“, заинтересирани 30 компании
Околу 30 домашни и странски инвеститори се јавиле на јавниот повик на кој се опипуваше пулсот за агрокомбинатот „Џумајлија“. Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски најави дека за неколку дена ќе биде распишан и тендер за продажба на комбинатот. „Сигурен сум дека ќе одлучиме онака како што треба, дека земјиштето ќе биде доделено на сериозна компанија, која ќе има добар бизнис-план, ќе овозможи развој и поголем број вработувања во тој регион“, изјави Коњановски.
Тој соопшти дека е воспоставен систем на контрола над сите средства што се наоѓаат денес во агрокомбинатот. „Поведена е стечајна постапка со што сигурно ќе имаме увид во состојбите кои се случуваат таму, во однос на заштита на средствата со кои располага „Џумајлија“. Сериозно ги правиме и подготовките околу изнаоѓањето сериозен инвеститор, кој освен земјоделско производство, ќе обезбеди и нови вработувања во Овчеполието“, нагласи заменик-министерот Коњановски. (Ек.Р.)
|