06.09.2012, 10:17 Бизнис можностите на Македонија презентирани во Атланта
Владината делегација денеска продолжува во Шарлот на конвенцијата на Демократската партија
Со презентацијата на можностите за инвестирање во Македонја пред 80 компании во Атланта владината делегација предводена од премиерот Никола Груевски ја заврши бизнис презентацијата во САД. Премиерот од денеска продолжува во Шарлот, каде што ќе присуствува на конвенцијата на Демократската партија на која треба да биде потврдена кандидатурата на Барак Обама за нов претседателски мандат.
- Денешната презентација на која дојдоа околу 80 компании е успешна. Има интерес од поголем број од нив за поединечни средби. Ова е последната дестинација за бизнис „роуд шоуто“ што го имаме. Ова е петта дестинација прилично успешна и се надеваме дека со голем дел од нив ќе ги продолжиме контактите со цел да ја изберат Македонија како своја следна бизнис-дестинација и да инвестираат во Македонија, да отворат нови работни места. Всушност и целта на овие роуд шоуа е отворање на нови работни места, изјави премиерот Груевски.
Тој додаде дека по завршувањето на форумот имале дискусии со повеќе претставници на компании кои пројавуваат интерес да дојдат во Македонија, да го разгледаат пазарот, да се запознаат со локални бизнисмени и да размислат за можност за отворање бизнис, што би значело и отворање нови работни места.
Според премиерот, посетата на САД е добро искомбинирана со политички и економски средби.
- Од една страна го користиме времето за презентација на Македонија пред инвеститори и нивно привлекување во Македонија, а од друга страна го користиме и за контакти со политичарите коишто се значајни за Република Македонија, изјави Груевски.
Премиерот Никола Груевски по Атланта заминува за Шарлот каде што ќе присуствува на конвенцијата на Демократската партија. Присуството на конвенцијата ќе го искористи за средби со повеќе политичари од Демократската партија која е владејачка партија во моментов во САД. Претходно премиерот Груевски присуствуваше и на Конвенцијата на Републиканците во Тампа. |