05.09.2012, 09:33 Европската комисија покрена истрага против „Газпром“
Европската комисија соопшти дека покренала официјална процедура со цел истрага дали рускиот производител и снабдувач со природен гас „Газпром“, ја злоупотребил доминантната позиција на пазарот на гас во централна и источна Европа.
Во „Газпром“ само кусо ја прокоментираа најавата на ЕК: „Нека вршат истрага“.
Европската комисија сака да истражи дали „Газпром“ ограничува слободен проток на гас меѓу државите членки на ЕУ, спречува диверсификација со снабдувањето и има неоправдано високи цени „врзувајќи“ ја цената на гасот за цената на горивата.
- Покренувањето на таа процедура не прејудицира исход од истрагата, тоа само значи дека ЕК тоа прашање ќе го третира како приоритетно, се вели во соопштение на ЕК.
Комисијата е загрижена дека „Газпром“ „можеби злоупотребува своја доминантна позиција на пазарот на гас во држави од централна и источна Европа“ и со тоа го криши членот 102 од Договорот за функционирање на ЕУ.
ЕК го извести „Газпром“ за својата истрага за чие завршување не постои со закон предвиден рок.
Неименуван претставник на ЕК, изјави за руски медиуми дека Комисијата нема намера да почнува трговска војна со Русија поради условите за испорака на гас.
Ако „Газпром“ биде прогласен за виновен, следува казна чија висина ќе биде во проценти од годишните приходи на компанијата и може да достигне стотици милиони евра. Уделот на „Газпром“ во европскиот извоз на гас е 25 отсто, а многу држави во целост се потпираат на увоз преку „Газпром“. |