05.09.2012, 10:02 Тригодишнина од бродска несреќа со „Илинден“
Со положување цвеќе пред споменикот на Градскиот кеј и комеморативна средба денеска во Охрид беше одбележана тригодишнината од потонување на бродот „Илинден“ при што загинаа 15 туристи од Бугарија.
Пред паметникот на жртвите во најголемата несреќа што се случила на Охридското Езеро се поклонија делегации на Општина Охрид, на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје, на ротари-клубовите од Охрид и бугарскиот град Пирдоп, двете лекарки од Србија кои први им пружија медицинска помош на настраданите во несреќата, како и претставници на Здружението на граѓани „5 Септември“ и граѓани на Охрид.
Бугарскиот амбасадор Иван Пе��ков во оваа прилика изјави дека три години се кус период за да се заборави болката од трагедијата.
- Болката е силна, таа не може да се заборави. Она што е важно во моментот е да се изнајде најдобар начин да им се помогне на најблиските, роднините на загинатите како да ја надминат болката, да продолжат да живеат независно големата загуба, изјави амбасадорот Петков.
На прашањето во врска со епилогот и судската разврска по случајот, тој рече дека Република Македонија е демократска држава со утврдени структури на власта, држава-кандидат за членство во ЕУ и оттаму тој нема право да го коментира нејзиниот судски систем, но истовремено пренесе дека кај бугарската јавност постои доста големо разочарување од изречените пресуди, кои, како што рече, „се доста ниски доколку се има предвид тежината на делото“.
- Оттука натаму какви начини ќе се бараат за расчистување на случајот и постигнување на правичност која ќе сосодветствува на тежината на кривичното дело, јас не можам да кажам како дипломата, тоа е прашање на експертите по правото. Но, сметам дека во интерес на Охрид како посакувана дестинација за илјадници туристи вклучително и од Бугарија, би требало тој случај да биде разрешен на еден сериозен и професионален начин, за да може да се гарантира дека таква трагедија нема повторно да се случи, рече амбасадорот Петков.
Несреќата се случи на 5 септември 2009 година, во 10:33 часот, кога на околу 200 местри од брегот на езерото кај автокампот „Елешец“ се преврте и потона туристичкиот брод „Илинден“. Притоа загинаа 15 од 56-те патници, туристи од соседна Бугарија, кои со „Илинден“ патуваа на излет во Свети Наум. Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден жител на општините Златица, Мирково и Рибарица.
По неколкумесечна истрага, против капетанот на бродот „Илинден“ Сотир Филески и овластениот претставник на германски Лојд, Бранко Баиќ, како лице кое го извршило техничкиот преглед на пловилото, Основниот суд во Охрид подигна обвинение за сторено кривично дело „предизвикување тешки дела по безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Двајцата беа прогласени за виновни и им беше изречена казна затвор во времетраење од по една година. Вештачење покажа дека причина за несреќата бил дефект на системот за управување на бродот, на кој имало повеќе патници од максимално дозволеното. Олеснителна околност за капетанот Филески беше и барањето на дел од преживеаните на несреќата, кои апелираа до Судот да изрече условна казна за младиот капетан, со оглед на фактот што вложил натчовечки напори за спасување на давениците.
Претставници на семејствата на загинатите и преживеаните патници од бродот „Илинден“ уште во текот на процесот најавија дека своите оштетни побарувања ќе ги истакнат во посебна граѓанска постапка. |