05.09.2012, 09:20 Во Собранието почнува расправата за законот за бранителите
Собранието за законот ќе расправа во редовна постапка, односно прво треба да го разгледаат комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем
Предлог-законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства денеска е на дневен ред на собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Законот до Собранието го достави пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и негова цел е регулирање на посебните и социјални права, кои согласно член 36 од Уставот им се загарантирани на припадниците кои учествуваа во одбраната на суверенитетот на Република Македонија.
Со предлог-законот опфатени се припадниците на воените и на полициските безбедносни сили кои учествувале во спречувањето на насилно уривање на демократските државни институции во периодот од 1 јануари 2000 до 31 декември 2001 година. Во случај кога се работи за загинати припадници на безбедносните сили, надомест ќе добијат членовите на нивното семејство. Според законот, тие се ослободени од плаќање здравствени услуги во примарна здравствена заштита, а Владата и општините треба да вработат еден невработен член на семејството на загинат или починат припадник на безбедносните сили без јавен оглас во државните институции. Со предлогот се предвидува право на станбено згрижување преку станбен кредит во времетраење од 20 години, при што државата ќе покрие половина од одобрениот кредит и 50 проценти од висината на договорната камата. Ако земат стан под закуп, ќе плаќаат 50 проценти помала кирија од онаа што е утврдена со законот. Покрај другите права, законот предвидува семејствата на загинатите припадници да добијат паричен надомест од 50 просечни плати остварени во месецот кога настапила смртта на припадникот, а воени инвалиди ќе добиваат надомест зависно од степенот на инвалидитет од 30 до 150 плати, како и работен стаж со двојно траење за време на конфликтот.
ДУИ, коалицискиот партнер на ВМРО-ДПМНЕ, се изјасни дека законот за нив е неприфатлив ако во него не се вметнат и посебните права на борците на ОНА, заканувајќи се блокада на работата на Собранието и напуштање на Владата.
Најголемата опозициска партија СДСМ најави дека ќе поддржи закон за бранителите, но доколку ДУИ поднесе амандамни на текстот, нема да гласа за него.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ го предложи законот, по настанот во Слупчане кога министерот за одбрана Фатмир Бесими заедно со припадници на АРМ положи цвеќе на споменик на ОНА.
Собранието за предлог-законот ќе расправа во редовна постапка, што значи дека прво треба да го разгледаат комисиите за одбрана и безбедност и за политички систем. Откако овие комисии ќе ја утврдат потребата од усвојувањето на ваков закон, потоа треба да гласаат и пратениците. Во втората фаза истите комисии ќе расправаат ако бидат доставени амандмани, по што законот оди на собраниска седница. |