06.09.2012, 15:03 За 2,5 години 720 жртви во сообраќајот под 7 годишна возраст
Само во последниве две и пол години евидентирани се над 720 жртви во сообраќајот кои се на возраст под 7 години, при што 12 деца во овие несреќи ги загубиле животите, додека останатите се здобиле со полесни или потешки телесни повреди.
За да се подигне нивото на знаење кај децата, за нивното учество во сообраќајот, МВР изготви видео материјал наречен „Сообраќаен буквар“, кој ќе биде дистрибуиран во градинките и во основните училишта.
- Оваа активност подразбира изучување на основите на сообраќајната култура на интерактивен начин, низ комуникација со полициските службеници и презентација на видео материјали. За таа цел е изготвен сообраќајниот буквар во кој се содржани сите сообраќани правила и прописи кои се прилагодени на возраста на децата – изјави денеска министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.
Во првото полугодие од годинава се случиле 1.781 сообраќајна незгода што претставува намалување за 10 отсто во споредба со истиот период лани, кога биле регистрирани 1.973 незгоди. Во нив настрадале вкупно 2.721 лица, од кои 51 лице починало.
Пешаците предизвикале 103 незгоди, во кои четири лица загинале. Според возрасната структура пак, најмногу од вкупно 51 загинат, се лица над 60 годишна возраст - 19 лица, потоа од 31 до 40 годинишна возраст - девет жртви на сообраќајни незгоди, од 21 до 30 годинишна возраст - осум лица, од 51 до 60 годишна возраст -седум лица, од 41 до 50 години - шест лица и по едно лице на седумгодишна и на 19 годишна возраст.
|