07.09.2012, 14:52 Нови 700 паркинг места во две подземни паркиралишта
Паркиралиштата ќе бидат на потегот од Стариот театар до новиот објект на МНР
Со изградба на две нови подземни паркиралишта со капацитет за 700 возила, Владата инвестира во модернизирање на кејот на реката Вардар, информираше денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев. Паркиралиштата ќе бидат од лева страна на Вардар, на потегот од Стариот театар до новиот објект на МНР, под МНТ и до новиот објект на Археолошкиот музеј на Македонија и Уставниот суд. Паркиралиштето што ќе се гради на потегот на сегашниот подземен паркинг под објектот на МНТ ќе биде на две нивоа и со капацитет од 600 паркинг-места, додека на второто ќе има место за 100 возила.
За проектите веќе се обезбедени и финансиски средства, а ќе се реализираат во тек на три буџетски години. Според Ѓорѓиев, висината на инвестицијата се' уште не може да се соопшти за да не се нарушеле постапките при избор на економските оператори.
Новите паркиралишта треба да ја подобрат достапноста на левиот брег на Вардар и да ги задоволат потребите на граѓаните. Ѓорѓиев потенцираше дека потегот од Стариот театар до новиот објект на МНР ќе биде комплетно реновиран и модернизиран. Кејот ќе добие нови потпорни ѕидови и кејни конзоли со кои ќе се прошири партерниот простор пред новоизградените објекти, кој во иднина ќе прерасне во шеталиште, поголемо од постојното, поплочено со природен камен по целата негова должина. Ќе бидат поставени канделабри, клупи и придружни реквизити, а целиот простор ќе биде хортикултурно облагороден. Сите новоизградени објекти ќе бидат осветлени со специјални светлосни уреди, а на целиот потег, по примерот на европските метрополи, ќе се постават музички звучници, со што ќе и' се даде музичка подлога на целиот амбиент. (С.Р.)
|