07.09.2012, 14:17 Енерегетско поврзување меѓу Македонија и Косово
Изградбата на интерконективниот далновод меѓу Македонија и Косово од 400 киловолти значително ќе го подобри енергетскиот систем во Македонија. Далноводот би требало да чини 6,2 милиони евра, од кои два милиони евра ги обезбедува МЕПСО, а останатите 4,2 милиони евра меѓународни финансиски институции.
За ова денеска во Скопје разговараа македонскиот министер за економија Ваљон Сарачини и неговиот косовски колега Бесим Беќај. Повторно била отворена и темата за можноста за увоз на јаглен од Косово за производство на електрична енергија во Македонија.
„Тоа би требало дополнително да се елаборира затоа што досега имавме контрадикторни ставови. Дел од експертската јавност излезе со констатација дека е економски неисплатливо да се експлоатира јаглен од Косово, а други велат дека тоа би било добро за производство на електрична енергија“, изјави денеска Сарачини.
Косово е наш значаен трговски партнер и го зазема 8. место во вкупниот износ. Само во првите шест месеци од годинава со Косово имаме размена од 213 милиони евра, од кои 200 милиони ева извоз, а 13 милиони евра увоз, што уште еднаш укажува на фактот дека има огромен потенцијал за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји, укажа Сарачини.
Косовскиот министер Беќај нагласи дека се прават обиди што повеќе да се развие соработката во енергетиката, да се подобри патната инфраструктура и да се зголеми размената. Меѓу инфраструктурни проекти на кои работи косовската страна се патиштата кон Тирана и кон Скопје. (Ек.Р.)
|