29.06.2012, 13:22 Џулијан Асанж нема да им се предаде на британските власти
Асанж побара политички азил, во обид да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде е осомничен за силување и за сексуално насулство
Основачот на Викиликс Џулијан Асанж изјави денеска дека нема да им се предаде на британските власти и ќе продолжи да се спротивставува на судската одлука за екстрадиција во Шведска.
Во изјава за Би-Би-Си, тој рече дека нема да се јави на денешното сослушување во полицијата, нагласувајќи дека „законот за азил е поважен и посилен од законот за екстрадиција“, па затоа тој нема намера да излезе од еквадорската Амбасада.
Асанж (40) на 19 јуни побара засолниште во зградата на дипломатската мисија на Еквадор во центарот на Лондон, откако претходно избега од станот што судски му беше определен за живеење, додека беше условно ослободен во тeкот на судската постапка околу екстрадицијата.
Во Еквадорската амбасада тој побара политички азил, во обид да ја избегне екстрадицијата во Шведска, каде е осомничен за силување и за сексуално насилство. Тој и натаму тврди дека шведските власти го бараат за сослушување само за да биде префлен во САД и таму да му се суди за неовластеното објавување на доверливите и служебени документи на Пентагон и на Стејт департментот.
Скотланд Јард со служебно писмо ја извести Амбасадата на Еквадор, дека Асанж треба да се јави денеска на пладне во полициската станица во центарот на Лондон на сослушување.
Претставник на полицијата објасни дека станува збор за нормална процедура во процесот на екстрадицијата, што е верификувана со одлука и на британскиот Врховен суд.
- Асанж веќе ги прекрши прописите со бегството во Амбасадата, па непојавувањето на сослушвање, ќе значи ново прекршување на одредбите од законот, изјави претставникот на Скотланд Јард.
До вчера, Џулијан Асанж имаше право да поднесе жалба до Европскиот суд за човекови права, но неговите адвокати одбија да откријат дали жалбата, која би можела да го блокира процесот на екстрадиција, е воопшто поднесена до судот во Стразбур.
Еквадорските власти кои тврдеа дека ќе го разрешат случајот со бегството на Асанж и барањето азил, сега одолговлекуваат со решението. Според соопштението на Министерството за надворешни работи во Кито, сега се испитуваат и политичките импликации околу овој случај. |