27.06.2012, 10:00 Асад: Сирија е во состојба на војна
Сирискиот претседател Башар ал-Асад изјави дека неговата држава се наоѓа во состојба на вистинска војна и побара од својата новоизбрана влада да ги насочи своите напори да го победи бунтот против него.
- Живееме во состојба на вистинска војна од сите агли, изјави Асад во кабинетот кој синоќа беше оформен, во говор што го пренесуваше Сириската телевизија.
- Кога сме во војна, сите политички актери и сите делови од општеството треба да се насочат да победиме во таа војна, нагласи Асад.
Тој ги отфрли аргументи на западни сили кои го повикуваат да поднесе оставка.
- Западот секогаш зема, а никогаш не дава и тоа е докажано во сите фази. Сакаме добри односи со сите држави, но мора да знаеме кои се нашите интереси, изјави Асад.
Сирискиот претседател кој ретко се појавува во јавноста откако почна бунтот против него, рече на состанокот дека сириската влада се бори против вооружени терористички групи. Во саботата тој даде декрет за формирање нова влада.
Три лица загинаа денеска во напад на „терористи“ врз сирискиот државен тв-канал Ал Ихбарија, јавија западни медиуми повикувајќи се на сириски провладини медиуми.
Убиените се новинари и вработени во медиумот, јави сириската агенција Сана без да даде повеќе детали.
|