27.06.2012, 14:20 Бесплатни прегледи за дијабетичари во Систина Офталмологија
Систина Офталмологија ќе овозможи бесплатни прегледи за дијабетичари кои ќе се јават и закажат преглед во саботите од 1 до 30 јули, во период од 9 до 14 часот
Ова ќе се одвива во рамки на хуманитарните и едукативните активности на Систина Офталмологија за граѓаните, а по повод одбележувањето на две години од нејзиното отворање.
Во соработка со Црвениот крст на Република Македонија, како што е најавено, во текот на јули во градовите Битола, Тетово, Дебар, Охрид, Струга и Гостивар ќе се одржат бесплатни стручни консултации со медицинскиот тим на Клиниката, како и мерење на очен притисок.
Целта е да се подигне нивото на информираноста на граѓаните за здравјето на видот и очите и да се предочи важноста за нивна превентивна заштита. При овие активности, Систина Офталмологија, информираат оттаму, особено внимание ќе посвети на најранливите категории: корисниците на социјална помош, децата со посебни потреби, за што се предвидени и донации во стручна и финансиска помош.
Во рамки на двегодишното постоење во Систина Офталмологија се направени повеќе од 35.000 офталмолошки прегледи и над 10.000 хируршки интервенции.
Од минатата година прв пат во Македонија стручен тим на Систина Офталмологија почна со имплантација на мултифокални леќи при катаракта, по која интервенција, пациентот комплетно се ослободува од диоптриските очила.
На почетокот на годината, Систина Офталмологија го организираше и првиот офталмолошки симпозиум, организиран од приватна клиника, во Охрид на актуелни теми и проблем во офталмохирургијата во Македонија, на кој активно земаа чество 60 офталмолози од Македонија од приватното и од јавното здравство.
|