28.06.2012, 14:21 Најлоша туристичка година за Грција
Грчките туристички работници очекуваат пад на приходите од околу 870 милиони до 1,16 милијарди евра
Атина - Грчките туристички работници се загрижени дека 2012 ќе биде една од најлошите туристички години за Грција. Една од главните гранки на грчката економија се очекува годинава да забележи пад од 15 до 20 отсто на профитот на хотелите во Грција, што значи пад на приходите од околу 870 милиони до 1,16 милијарди евра за грчките туристички работници. На ова предупреди првиот човек на Комората на хотелиери на Грција, Јоргос Цакирис, на презентацијата на истражувањето за туристичките трендови годинава за Грција. Според резултатите на Институтот за туристичко истражување и предвидување бројот на резервации во хотелите ќе се намали за околу 10 отсто, а цените на собите 8 до 9 отсто.
Политичката нестабилност и годинава се смета за клучен проблем за намалениот број на туристи во Грција. Случајно или не, првиот ден по изборите 18 јуни, според податоците на Комората на хотелиери на Грција, се смета за ден кога бил забележан рекордно најголем број на резервации за одмори во Грција. Ден по изборите имало зголемување од 27 отсто на резервациите во споредба со 2011 година. Најголем број резервации во Грција по изборите се забележани на Крф, Санторини, Крит и Миконос. Меѓутоа, и покрај подобрувањето на резултатите по изборите, сепак се очекува годинава да биде негативна за туристичките работници. Во првите три месеци на 2012 бил забележан пад на резервациите во хотелите од 25 отсто. Истражувањата на туристичките комори покажале дека цените во хотелите со 4 и 5 ѕвезди се намалени за 15 отсто, додека пак во поевтините за 23 отсто во споредба со минатата година. Веќе се забележува голем удар на туризмот поради опаднатиот интерес на туристи од Германија и Холандија, кои се традиционални летувачи во Грција. Се проценува дека работите нема да бидат нималку лесни за хотелите кои работат претежно со домашни туристи затоа што е забележан голем пад на нивниот број поради проблемите со кои се соочуваат од финансиската криза. Според досегашните процени, резервациите за летниот период од јуни до септември се опаднати за 32 отсто токму поради падот на домашните туристи. Со големи проблеми се соочува Атина поради намалениот број на туристички и бизнис-посети. Во Атина годинава биле затворени 25 хотели, а со тоа на улица останале 3.500- 4.000 вработени. (М.П.)
|