28.06.2012, 19:39 Покренато обвинение за „Детонатор"
Обвинителството за организиран криминал покрена обвинение за акцијата "Детонатор", која беше реализирана во Источна Македонија. Во ловот на нелегални коцкарници и покер-апарати, беше приведена поголема група на инволвирани во криминалот. Обвинение е покренато против 16-мина кои се товарат за обид за убиство, насилство, злосторничко здружение, лихварство и перење пари.
Обвинителниот акт е испратен до Основниот суд Скопје. Како што соопшти обвинителството, предложено е судот на обвинетите И.Г., Ж.Ж., Г.Б., Ј.М., С.П., Т.Л., В.Ќ., Г.К., С.С., Д.Ј. и А.А. да им ја продолжи мерката притвор. На обвинетите Д.А., М.А. и В.Ќ. им се продолжува мерката куќен притвор, а на обвинетиот Г.Н. да му биде одземен пасошот, како превентивна мерка.
"Детонаторот" пред три месеци ги стресе најпрво Кочани и Виница, а потоа се прошири и во Куманово, но и во западниот дел на земјава. Над 1.000 покер- апарати беа запленети во неколкуте акции на МВР, кои вршеа претреси во објекти, локали, интернет-кафулиња. Над десетина полициски службеници во кочанската и штипската полиција беа разрешени, со образложение дека не го спречиле теророт кој се случувал низ градовите, од страна на криминалната група. (Х.Р.)
|