29.06.2012, 09:15 Прва жртва во пожарите во Колорадо
Американскиот претседател Барак Обама прогласи денеска состојба на „природна катастрофа“
Едно тело е пронајдено под урнатините на изгорена куќа во Колорадо Спрингс, што е првата жртва од пожарите во сојузната американска држава Колорадо.
Полицијата во Колорадо соопшти дека уште две лица се водат како исчезнати во пожарите, што досега уништија 365 куќи и принудија 35.000 луѓе да се евакуираат.
Огнот зафати површина од 75 километри квадратни. Од саботата повеќе од 700 пожарникари се обидуваат да се справат со стихијата, но само десет проценти од огнот е изгаснат.
Американскиот претседател Барак Обама прогласи денеска состојба на „природна катастрофа“ и најавено е дека Обама во текот на денот ќе го посети Колорадо.
Со прогласувањето „природна катастрофа“оваа западна американска држава и нејзините локални власти ќе добијат значителни финансиски средства за совладување на пожарите и помош за загрозеното население. |