30.06.2012, 12:20 Силен земјотрес ја погоди Кина, 17 лица повредени
Земјотрес со интензитет од 6,6 степени според Рихтер го погоди утрово западниот дел на Кина, во близина на границата со Казахстан, соопшти американскиот Институт за геолошки истражувања.
Епицентарот на потресот се наоѓал околу 160 километри југоисточно од градот Шихези, во покраината Синжанг.
Според кинеските власти, 17 лица се повредени во земјотресот, од кои повеќето се туристи.
Од потресот биле урнати неколку згради, а имало и прекин на електричната енергија во реонот на 300 километри западно од регионалниот главен град Урумчи, каде земјотресот бил почувствуван силно и жителите масовно излегле на улиците.
Веднаш се испратени спасувачки екипи за пронаоѓање на евентуални жртви и помагање на настраданите.
|