29.06.2012, 15:08 Завршува кампањата за плаќање на долговите за струја
В недела завршува првиот дел од кампањата на ЕВН „Македонија“ за плаќање на тужените долгови за електрична енергија. Како што информираат од компанијата, од 1 јуни кога почна кампањата „Избриши го долгот“, па заклучно со 20 јуни, потпишани се над 5.000 спогодби. Граѓаните имаа можност во јуни да потпишат спогодби со кои долгот за струја може да го платат на 6 рати, а бизнис-корисниците на 4 рати. Оваа поволност завршува на 1 јули. Од наредниот месец домаќинствата ќе можат да ги плаќаат долговите на 4 рати, а бизнис-корисниците на 2. Кампањата нуди поволност да се плати долгот во целост или на една рата, со што се бришат сите камати за задоцнето плаќање како и судските, нотарските и трошоците за извршителите. Воедно се запира и целата судска постапка.
Паралелно со оваа кампања за расчистување на долговите течат исклучувањата на корисниците кои го пречекориле рокот за плаќање на сметките и на крадците на струја. Само во мај поради долг биле исклучени 52.000 корисници, во првата половина на јуни 44.000. Тоа значи дека во еден месец поради долг или кражби се исклучувало секое 15. броило. Се' почесто се применува и законски предвидената мерка одземање на броилото и на приклучокот кај оние корисници кои ги повториле кривичните дела - неовластено користење струја или самоволно приклучување. И во текот на целото лето масовните исклучувања на должниците ќе продолжат, информираат од ЕВН. (Ек.Р.)
|