27.06.2012, 20:08 Груевски: Македонија има најниски трошоци за водење бизнис во Европа
Претседателот на македонската Влада во интервју за Си-Ен-Ен
Македонија има многу предности за почнување и водење бизнис кои треба да им се презентираат на потенцијалните инветситори. Нема друга земја во Европа која има пониски трошоци за водење бизнис во Европа, рече премиерот Никола Груевски во интервју за Си-Ен-Ен, одговорајќи на прашањето за барањето нови локации од каде би се привлекувале странски инвестиции додека трае рецесијата во Европа.
- Во овие тешки времиња за ЕУ и европската монетарна унија се обидуваме да привлечеме инвеститори од други земји и делови на светот кои не се толку погодени од кризата или не се комплетно погодени. Неодамна ја посетивме Кина, ги презентиравме нашите поволности пред многу кинески компании, ја посетивме и Индија, и го направивме истото и таму. Сега сме во Русија, тука сме четири дена и посетивме четири региони, се сретнавме со повеќе од 230 компании и пред нив презентиравме кои се предностите на Македонија за правење бизнис во Европа, изјави Груевски.
Европската криза има влијание врз Македонија, 90 отсто од извозот оди во ЕУ
- Имаме некои проблеми поради грчката должничка криза, но не толку силни како проблемите кои доаѓаат од рецесијата во Европската Унија, изјави македонскиот премиер Никола Груевски во интервју за Си-Ен-Ен.
Одговорајќи на прашањето на новинарот за влијанието на еврокризата врз состојбите во Македонија, Груевски рече дека 60 отсто од нашиот извоз оди во земјите од ЕУ, а 30 проценти во околните земји кои не се дел од Европската унија, но и тие исто така се поврзани со ЕУ. Околу 90 отсто од нашиот извоз е поврзан со ЕУ, и на некој начин, додаде, сме многу зависни од економската ситуација во ЕУ.
Обезбедивме нови пазари како компензација на грчките
Кризата во Грција почна пред неколку години, на почеток нашите компании загубија некои договори со грчките компании, за продажба, трговија и извоз, но чекор по чекор нашите компании брзо најдоа компензација во склучувањето на договори со компании од други земји, рече премиерот Никола Груевски во интервју за Си-Ен-Ен прашан за влијанието на грчката должничка криза врз македонската економија.
- Сега ги имаме стабилизирано овие проблеми, и грчката должничка криза е поголем проблем за нас од аспект на европската рецесија, не толку многу од аспект на соседска трговија, истакна Груевски.
Имаме аспирации за членство во Европската Унија
Имаме аспирации за членство во ЕУ, тоа е важно за земјите од Балканот, земји кои во минатото имаа доста проблеми, а сега се стабилизирани, рече премиеро�� Никола Груевски, одговорајќи на прашањето на новинарот на Си-Ен-Ен дали и покрај кризата во Европа, бавниот раст и тешкото донесување на одлуки во Унијата, Македонија има аспирации да стане член на ЕУ.
Според него, за да се да има некоја перспектива за долгорочна стабилност, ќе биде многу добро сите земји од Балканот да станат членки на ЕУ.
|