28.06.2012, 18:12 Бистра Ангеловска - нов претседател на Фармацевтската комора
Бистра Ангеловска е новиот претседател на Фармацевтска комора на Македонија. Со мнозинство гласови за прв човек на фармацевтите Ангеловска била избрана на завчерашната конститутивна седница на Собранието на Комората.
Ангеловска, која е професор на Медицинскиот факултет, отсек Фармација на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, има долгогодишно работно искуство во повеќето области на фармацевтската дејност. Таа е искусен научен работник со повеќе објавени трудови во земјата и во странство, вршител на повеќе раководни функции и афирмиран и активен член на Комората. Од фарамацевт кој дојде од Делчево во Скопје пред околу 12 години за јавноста Ангеловска стана позната откако беше назначена за заменик-министер за фармација во мандатот на Драган Даниловски. Определен период беше и заменик-директор на Фондот за здравствено осигурување, со кој во тоа време раководеше Војо Михајловски.
За претседател на Собранието е избран м-р Влатко Јордановски, фармацевт со долгогодишно работно искуство во аптекарската дејност. Тој е сопственик на ПЗУ Аптека „Велфарм“ од Велес и долгогодишен активен член на Комората. На седницата беа верификувани мандатите на членовите на Собранието и на Извршниот одбор.
Во Фармацевтска комора на Македонија која е самостојна, професионална организација на дипломираните фармацевти-магистри по фармација членуваат околу 2.000 фармацевти. (Ек.Р.) |