28.06.2012, 14:26 Почна исплатата на субвенциите за тутунарите
Вкупно 25.793 земјоделци денеска ќе добијат 821 милион денари финансиска поддршка за произведен и продаден тутун, за поледелско, како и за сточарско производство, односно за произведено кравјо, овчо и козјо млеко.
Како што соопшти вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, до идната среда, во следните три до четири дена, субвенциите ќе бидат целосно исплатени.
- Ова е уште доказ за посветеноста на Владата кон аграрот, за поддршката што им ја дава на земјоделците во континуитет, но и за тоа дека земјоделството е една од за нас приоритетните гранки. Како што ветивме, денеска почна исплатата на субвенциите за произвден и продаден тутун од реколтата 2011 за која законскиот рок е јуни 2013 што значи средствата се исплаќаат цела година порано со забрзана динамика, истакна Ставрески.
На сметките на 13.555 земјоделци се веќе префрлени 620,7 милиони денари за килограм тутун или по 60 денари. Исплатени се средства на откупните центри Сокотаб - Битола, Тутунски комбинат Прилеп и Алијанс Уан - Кавадарци.
Денеска се префрлени и дополнителни 75 милиони денари на 4.600 земјоделци за поледелското производство или по 8.500 денари од единица површина, што се надоврзува на исплатата реализирана минатата недела, а реализирани се и 126,5 милиони денари на 7.637 лица за произведено и продадено овчо, козјо и кравјо млеко или по околу 3,5 денари за литар.
|