28.06.2012, 15:20 (ФОТО) Средба за помирување меѓу Црвенковски и Георгиевски
Некогашните жестоки политички ривали срдечно се ракуваа, а по средбата зад затворени врати во хотелот „Александар Палас“, што траеше помалку од еден час, изјавија дека меѓу нив се' уште има политички разлики
ФОТО: Киро Попов
Поранешните премиери и актуелни лидери на опозициските СДСМ и ВМРО-НП, се сретнаа денеска попладне во хотелот „Александар Палас“ и најавија дека ќе ја продолжат комуникацијата која се очекува да резултира со нивно партнерство на локалните избори идната година. Некогашните жестоки политички ривали срдечно се ракуваа, а по средбата зад затворени врати, што траеше помалку од еден час, изјавија дека меѓу нив се' уште има политички разлики, ама дека точките што ги спојуваат во овој момент се побројни и посуштински за иднината на државата.
„Во изминатите 20 години сме биле жестоки противници и за многу прашања сме имале спротивставени ставови, сме воделе тешки политички битки. Но, и тогаш имало ситуации, кога сме биле обврзани да соработуваме за прашања од големо значење, како референдумот за независноста во 1991 и донесувањето на Уставот, како и во широката владина коалиција за време на конфликтот во 2001“, рече Црвенковски. Потоа, тој оцени дека Македонија се соочува денес со исти тешки предизвици како во 1991 и 2001 и дека затоа имаат обврска да направат се' за државата, како што рече, да се врати на вистинскиот пат.
Георгиевски ги сублимираше во три најважни точки прашањата околу кои се согласуваат со Црвенковски дека државата оди во погрешна насока: загрозена демократија, меѓународна изолација и економнски дебакл. (П.Р.)
|